Владата на вчерашната седница одобри вкупно 80 милиони денари за решавање на проблемот со езерата во Дојран и Преспа, од Буџетот на државава.
„Владата донесе дополнителни одлуки за одобрување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година во износ од 40.000.000 денари на Општина Дојран, за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Езеро и 40.000.000 денари на Општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанско Езеро“, стои во соопштението на Владата.
Претходно, премиерот Зоран Заев најави дека ревитализацијата на Преспанското Езеро ќе се одвива во три фази, од која првата опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе е иницијативата и кај соседите, па во таа насока ќе се бара трите земји да му дадат нова динамика и на проектот за комплетна заштита на Преспанското Езеро поддржан од Европската Унија.