Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули најави нови мерки и проекти за спречување на загадувањето на пресрет на грејниот период.
Меѓу многуте одлуки, Владата ја прифати и иницијативата на Граѓанската Еколошка Организација, Еко Герила од Тетово, за поставување на модерни филтри на оџаците на 30 големи компании кои загадуваат.
„Оваа борба мора да ја водиме заеднички сите, и општините, државните институции, бизнис заедницата и граѓанските организации, и постојано мора да соработуваме и мислиме дека имаме големи предизвици во општина Тетово. За таа цел, бидејки станува збор за град со сериозно загадување според резултатите на мерните инструменти, ние токму на иницијатива на Граѓанската Организација Еко Герила, ќе инвестираме во 30 компании во Полошкиот регион, коишто се приватни, но сепак за жал загадуваат бидејќи отпадот од производите што ги произведуваат, го користат за затоплување. Ние ќе интервенираме со модерни филтри за оџаците кои што тие ќе ги користат”, изјави Макрадули.
Тој најави дека како следен чекор за овој регион ке биде и менувањето на покривот на тетовската гимназија со зелен кров и сончеви колектори.
За полошкиот регион, како и скопскиот и битолскиот, Макрадули најави дека граѓаните ќе добијат до 100% поддршка од Владата за замена на печките на огревно дрво со инвертор клими. За разлика од досегашните субвенции во другите сфери, Макрадули најави дека за овој проект нема да се спроведе принципот кој прв доаѓа, прв добива, туку ќе предложат со закон да се доделат ваучери со кои потоа ќе се купуваат инвентер клима системите.
А. Зеќири