Владата интензивно работи на изготвување на уставните амандмани за да се скратат роковите колку што е можно, но засега нема точен датум кога би можело тие да бидат испратени во собраниска процедура. Целиот процес, посочуваат оттаму, ќе биде целосно инклузивен и транспарентен.
„Веќе се работи интензивно на подготовката на уставните амандмани, но во моментов точен и прецизен датум кога ќе бидат завршени немаме. Но, како што знаете, сакаме да ги скратиме роковите колку што е можно и амандманите да влезат во собраниска процедура што поскоро“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција во Владата.
Премиерот Зоран Заев потврди дека од денеска започнуваат консултациите со сите пратенички групи по што ќе се подготви прва нацрт верзија на уставните амандмани. Некои рокови се скратени, сепак тој очекува расправата во Собранието да трае во рамки на законски утврдените рокови, а целата процедура за уставни измени да се заврши според предвиденото во договорот.
Откако ќе бидат доставени до Собранието, уставните амандмани треба да поминат низ претрес во две комисии, при што расправата за секој од нив може да трае до три дена. Откако ќе се утврди нацрт на секој амандман се отвора јавна дискусија во која пратениците може да поднесат амандмани на амандманите. На крајот, следува конечната седница на усвојување на уставните амандмани со двотретинско мнозинство.
Д.М.