Владата на вчерашната седница донесе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата на Северна Македонија, врз основа на предлозите на владината Комисија за именувања.
Од владината прес служба известуваат дека согласно овие предлози, Владата ја прифати оставката на Борче Хаџиев, и го разреши од должноста директор на Фонд за осигурување на депозити, на негово барање, и за в.д. директор го именуваше Амир Шабани. Владата ја прифати оставката на Армир Садики, и го разреши од должноста в.д. директор на Бирото за јавни набавки, и за директор на Бирото го именуваше Борче Хаџиев.
„Владата на Република Северна Македонија заклучи да му препорача на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија Ц.О. Скопје, за в.д. директор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија да ја избере Билјана Јовановска, а за в.д. заменик директор да го избере Шаип Зенељи“, стои во нивното соопштение.
Владата ја прифати и оставката на Орхан Рамадани и го разреши од должноста директор на Фондот на здравствено осигурување на Република Северна Македонија, на негово барање, и го именуваше Фатон Ахмети за в.д. директор на Фондот на здравствено осигурување до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.
Бесир Деари е именуван за в.д. заменик на директорот на Управата за финансиска полиција, а Блерим Идризи за в.д. заменик на директорот во Државниот завод за индустриска сопственост.