Првостепената пресуда на Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг, изречена на 16 септември, со која поранешните лидери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – беа осудени на затворски казни од 13 до 25 години за воени злосторства, вклучително убиства, тортура, сурово постапување и произволно лишување од слобода, предизвика остри реакции од ВЛЕН и ДУИ во Северна Македонија. Пресудата не е правосилна и може да биде обжалена.
Двете водечки политички групации излегоа со ставови во кои ја оспоруваат праведноста на одлуката и застануваат во одбрана на историското наследство на Ослободителната војска на Косово.
Реакција на ВЛЕН
Коалицијата ВЛЕН изрази „жалење и огорченост“, оценувајќи ја пресудата на Специјализираните совети како неправедна и неприфатлива.
Од ВЛЕН посочија дека одлуката на судот во ниту еден момент не ја доведува во прашање легитимноста на ОВК, истакнувајќи дека војната во Косово била „праведна борба за слобода, водена во услови на опстанок“. Тие изразија уверување дека правната битка продолжува во жалбената постапка, каде очекуваат поинаков исход.
Африм Гаши, претседател на Собранието од редовите на ВЛЕН, нагласи дека судската одлука не го менува фактот дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими се нераскинлив дел од „славното поглавје во историјата на Косово“. Тој нагласи дека ниту една пресуда не може да го избрише или негира историскиот придонес на осудените водачи.
Реакција на ДУИ
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети (и самиот поранешен припадник на ОВК), пресудата ја оквалификува како „неправедна и длабоко разочарувачка“.
Ахмети апелира на воздржаност, смиреност и национално единство во овие моменти, нагласувајќи ја потребата од солидарност со осудените лидери.
Слично како и ВЛЕН, Ахмети потенцираше дека историската вистина за ослободителната борба не може да биде променета преку судски одлуки.
Во реакциите на ВЛЕН и ДУИ, оспорувањето на праведноста на пресудата е придружено со пораки за одбрана на историското наследство на ОВК. Притоа, важно е да се разграничи индивидуалната кривична одговорност на обвинетите од оценките за ослободителната борба. Тоа разграничување го нагласи и судот. Пресудата е првостепена и може да биде обжалена.
ЦМ Деск












