Откако ТВ Сител (13.08.2021) излезе со неофицијална листа на ВМРО-ДПМНЕ за дел од кандидатите за градоначалници во скопските општини за локалните избори што ќе се одржат на 17 октомври 2021, најголемата опозициска партија експресно ги демантирше информациите.
Информациите кои излегоа во јавноста, а за кои Сител кажа дека се од официјален брифинг за имињата на кандидатите за градоначалници во скопските општини, ВМРО-ДПМНЕ ги демантира и велат дека во текот на следната недела партијата ќе излезе со официјална листа на имиња за кандидати за градоначалници во најголем дел од општините.
Во веста на Сител беше кажано дека од високи извори од партијата е потврдено дека речиси се сигурни кандидатурите за пет општини, и тоа: Орце Георгиевски за Кисела Вода, Дарко Костовски за Бутел, Александар Стојковски за Ѓорче Петров, Бобан Стефковски за Гази Баба, Дејан Митревски – Аеродром, а историчарката Наташа Котлар од партијата Глас за Македонија за Центар.
За градоначалник на град Скопје, како што објави Сител, сѐ уште во игра се неколку имиња, но според извори од опозицијата најмногу шанси има претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска, иако претходно во игра беше поранешниот градоначалник Коце Трајановски.
Според ТВ Сител, ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе конечна одлука по состанокот на Извршниот и Централниот комитет кои свои седници треба да одржат за време на викендов.
ЦИВИЛ Мониторинг тим (ЦМТ)