Во отсуство на официјални информации за кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, во јавноста растат шпекулациите околу имињата за можните кандидати.
Според последните информации кои ги пренесува ТВ21 од неофицијални партиски избори, актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска според сè уште непотврдени информации, е можен кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
ЦИВИЛ МЕДИА претпладнево се обрати до ВМРО-ДПМНЕ за потврда или негирање на овие информации, но до 16:30 часот, одговор не добивме.
Инаку, до неодамна како кандидат за градоначалник на град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ фигурираше поранешниот градоначалник Коце Трајановски. Ситуацијата, изгледа, се променила „преку ноќ“.
Токму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски неодамна го најави Коце Трајановски како едно од имињата кое фигурира во интерните анкети на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за скопски градоначалник.
Според најавите, се очекува партијата да излезе со листа од 15 имиња за кандидати за градоначалници по состанокот на Извршниот комитет, за кој не се знае кога ќе се одржи.
Д. Мишев