ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од собирањето потписи за поништување на донесениот Закон за попис. Вчера на седница на Извршниот комитет била донесена одлука утре да почне Иницијативата за собирање потписи. Партијата останува и на барањето, ако веќе пописот мора да се спроведе пролетва тоа да се направи по електронски пат, пренесува МИА.
-Во текот на вчерашниот ден со Извршниот комитет беше донесена одлука за да започне Иницијативата за собирање на потписи. Се почнува со Иницијатива за собирање 100 потписи во подрачните едниници на Државната изборна комисија. Откако ќе се соберат 100 потписи се доставуваат до спикерот во Собранието, а потоа иницијативата се препрача во матични комисии. Откако ќе се констатира комплетноста на првите 100 потписи тогаш се известува претседателот на Собранието, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски додавајќи дека по ова течат натамошните постапки за собирање на потписи за поништување на Законот за попис. Формалното собирање потписи, како што рече, би можело да се очекува на почетокот на следниот месец.
Партијата, вели останува на ставот дека попис со теренски посети во услови на пандемија не треба да има.
Од СДСМ велат дека таков вид на статистичка операција нема да ги даде комплетните податоци кои се потребни.
„За да ги добиеме сите релевантни податоци потребен е комбиниран модел на попис, односно преку вкрстување на податоците што ќе се добиваат од електронските прашалници на терен, со податоците од базите кои што веќе постојат во државата, да се добие целосен преглед за податоците кои се неопходни, но не се опфатени со електронските бази. Затоа само електронски попис не е доволенза да се добијат комплетни податоци какви што се потребни според Евростат и меѓународните стандарди“, посочи Дарко Каевски.