ВМРО-ДПМНЕ вчера попладне повторно протестираа против од политиките на власта, од тоа како се водат разговорите со Бугарија, а опозициската партија го повтори и барањето за оставка на премиерот Зоран Заев. Во рамки на протестот што се одржува под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот!“, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ еден час ги блокирааа приодите кон објектите на Владата, МНР и Министерството за правда, а вечерва се протестира и во 20 други градови.
Пред зградата на Владата зборуваше пратеникот Игор Јанушев, кој обвини дека премиерот Заев како што кажа „наголемо ја распродава Македонија и македонските национални обележја, за се што е македонско“.
Од пред Владата пратеникот Јанушев им порача дека „правдата знае да биде бавна, но не и слепа и дека за сето ова зло што им го прават на Македонија и на македонскиот народ, ќе се најдат онаму каде што заслужуваат, пред лицето на правдата“.
Пред Министерството за надворешни работи зборуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, според кого, мора да си го зачуваме нашиот идентитет затоа што на власта не и е гајле за него. Назначувањето на Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија, додаде тој, нема ништо да реши и не може таков човек да биде специјален претставник на Македонија
Пред МНР зборуваше и Јелена Жугиќ, која нагласи дека за историјата, културата и културното наследство нема компромис и оти тие имаат вековна традиција.
Пред Министерството за правда зборуваше Тони Менкиноски кој потенцира дека Заев нема право да преговара за правата на Македонците во соседството и оти, како што рече, опозицијата нема да дозволи антиевропски сили да не избришат. Според него, не треба да се дозволи Заев да тргува со националните интереси и со правата на македонските малцинства во другите земји.