„Нашите“ големи политички партии работат бурно и напорно 24/7, но не на она што би придонело до подобар живот за граѓан(к)ите на Македонија, туку кој повеќе ќе го „оцрни“ другиот.
Па така, неизбежно е секојдневно да им ги читаме нивните соопштенија, каде топката се подава од едно место до друго. И секако, на сето тоа, имам право и јас да искоментирам, па дури и да се изнервирам.
Опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, објавува секојдневно некакви соопштенија, па на тоа владејачката партија, СДСМ, им го возвраќа ударот. Ако едните имаат пет соопштенија, другите ќе имаат четири, и обратно. Во соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ, пишува како економијата ни била најлоша, тонеме во црнила, имаме најзагаден воздух, младите си одат од државата и ред други работи… Во соопштенијата на СДСМ читаме: „Не, не, ние не сме виновни, ВМРО-ДПМНЕ беа 10 години на власт, тие го направија тоа, сега ние еве правиме план за да направиме план за нешто“.
Си велам, народот не е до толку слеп и глув, јасно ни е на сите како се одвивале и како се одвиваат сè уште работите на политичко и општествено поле. Знаеме дека секоја партија што ќе дојде на власт, не работи за некој поголем интерес на обичниот граѓанин. Предизборната програма им е исполнета со ветувања и ветувања, и откако ќе дојдат на власт, сите тие ветувања како да се буткаат под тепих.
Како ВМРО-ДПМНЕ не беше свесно за лошата економија и пред 3 години? Како не беа свесни дека дишеме најзагаден воздух и дека секојдневно некој умира како последица од тоа? Како не ја знаеа бројката на луѓе кои ја напуштаат земјата поради лошите работи во неа? Како СДСМ досега, за овие две години, не направи некој ефикасен план што ќе помогне да се намали загаденоста на воздухот? Како не може да направи СДСМ еден ефикасен план за да се олеснат проблемите во сообраќајот? Зошто сè уште не сме мрднале од место?
Не можам повеќе да им давам шанси и да велам дека кратко време се на власт, претходните оставиле голем хаос, па сега не можат да се снајдат, кога тоа не е така. Зошто приоритет да ни биде амнестија на некој кој извршил насилство, а не ни е приоритет поголема вклученост на граѓаните со посебни потреби во општеството?
Зошто не ни е приоритет средување на здравството, градење на нови болници, поголеми плати за лекарите за да останат во државата, подобри услови за нив и за болните? До кога ќе молиме за хуманост за лекување во странство, наместо да изградиме тука место што ќе ни биде од корист…