И официјално веќе започна предизборна (црна) кампања на ВМРО ДПМНЕ против нивните политички противници. ВМРО ДПМНЕ предвреме ја почна кампањата преку билборди на кои е прикажан лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со „Луи Витон“ ташна и со придружен текст „еден се богати – два милиони осиромашуваат“, дополнето со пораката „Едно евро од квадрат ми донеси. На мене – дирекно“.
Изборната кампања официјално треба да започне 20 дена пред изборите што ќе се одржат на 12 април, но ВМРО ДПМНЕ веќе започна со предвремена изборна кампања.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, пред една недела за ЦИВИЛ Медиа изјави – „Иако законодавецот се потруди во 5 до 12 да ги донесе измените во Изборниот законик, најголемата празнина не ја регулираше. Ги повторуваме истите работи за секој кампања. Нема официјален почеток на кампањата, меѓутоа имате распишани избори и останува тој простор нерегулиран. Немате одредби што ќе ви овозможат да интервенирате во овој период“.
„Единствено останува на оние кои мислат дека е прекршен законот да поднесат преставки до Антикорупциска комисија, па тие да реагираат. Во иднина ќе треба овој меѓупериоден дел да се регулира строго законски за да ги ставиме во ред овие појави да не се повторуваат или злопупотребуваат. Нема друг начин. Од започнување на кампањата ДИК може да реагира, да носи одлуки, меѓутоа во овој момент сите умно и паметно се трудат да ги заобиколат законските одредби за да не може ниеден државен орган да реагира на начин како што би требало. За да се избегнат тие ситуации ќе мора и за овој период да се допрецизира во законот, да се стават забрани, точно дефинирани во дефинициите во Иборниот законик – што смее, што не смее и кои се последиците доколку се направи од денот на распишување на изборите, а не од денот на започнување на кампањата“, потенцира Деркоски.
Текст и фотографија: Дехран Муратов