Продолжува анти-Сорос хистеријата: Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ денеска испрати ново соопштение во кое тврди дека „СДСМ/Сорос беа поразени во Македонија“ и дека „народот на демократски избори ја порази нивната политика на насилство, деструкција и кризи“.
„Сорос беше поразен и во САД. Сведоци сме на обидите вандализмот на СОРОС да стане секојдневие во повеќе земји. Тоа веќе не минува. Граѓаните ги прочитаа скапо платените револуционери. Чадорот веќе не може да ги сокрие и заштити. Организациите кои ги финансира Сорос за јакнење на некакви си капацитети, всушност, се организации преку кои се плаќаат таканаречените револуционери за поттикнување насилства“, се тврди во соопштението.
„Сорос во Македонија досега има доделено стотина милиони евра на сателит-организациите кои ги раководи. Преку нив, се финансираше и платеничката револуција, која ја напаѓаше полицијата и уништуваше сé што е изградено. СДСМ е одработувачот на сценаријата на Сорос, а тие се негови финансиери“, пишува Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега сме сведоци на обид – нови 9.5 милиони евра да се делат од касата на Сорос/СДСМ во Македонија. Секој обид овие средства да се употребат за подривање на нашиот правен и уставен систем ќе наиде на соодветен одговор. Народот ќе се спротистави на хулиганите на СДСМ/Сорос доколку помислат да го реализираат нивното деструктивно сценарио. Хулиганите на СДСМ/Сорос, преку насилните протести во Скопје, кои на ист начин беа финансирани, повредија педесеттина полицајци и предизвикаа штети тешки милиони евра. Народот својата волја ја искажа на демократски избори. Десороизацијата е неизбежна. Узурпацијата и заложништвото на граѓанскиот сектор и демократијата мора веднаш да прекине. Аболицираниот криминалец Заев заедно со своите пајташи од СДСМ и хулиганите од Сорос заминува во историјата. Граѓаните не дозволуваат манипулација и деструкција!“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.