ЦИВИЛ ќе одржи панел дискусија на тема „Мултикултурализам, дискриминација и толеранција кај младите“, денес (30 март), во 13 часот во прес центарот на организацијата во Бизнис Центарот „Палома Бјанка“.
Учесници на панелот се бидат Самет Шабани од Хоризон Цивитас, Дејан Ризински од МОФ, и Мелиса Кариман – Романо Авази. Настанот го модерира Биљана Јордановска од ЦИВИЛ.
На панелот ќе се отворат прашања за еднаквата основа за развој во различни сфери и аспекти, како што е застапувањето, образованието, вработувањата и слично, како да се креира и да се задржи таа еднаква основа, врз која се гради стабилноста на едно општество во сите аспекти. Со еднаквата основа за развој се почитуваат и човековите права и слободи, и се негува мултикултурализмот во нашето општество.
„Најважно е да има соживот меѓу младите. Јас како млада личност пораснав во мултиетничка заедница, и тоа сега, а и во иднина многу ќе ми помогне да можам да се прилагодам на секое лице што доаѓа од друга етничка припадност или религија, меѓутоа сум се сретнувала со лица кои не можеле да се прилагодат кон мене, како Ромка. Проблемот според мене е тоа што заедниците се делат, каде ќе живеат Роми, каде ќе живеат Албанци, каде ќе живеат Македонци, според населба, и тоа предизвикува проблем и нетолеранција помеѓу младите,“ вели Мелиса Кариман од Романо Авази.
Самет Шабани од Хоризон Цивита вели дека треба да се смени начинот на третирање на оваа тема.
Мислам дека на некој начин, кај нас, триесет години веќе поминаа, за жал, се уште е „топик тренд“ дека се уште треба да зборуваме на оваа тема, што покажува дека имаме појава на сегрегација како што спомна и колешката од Тетово, се уште го гледаме трендот, на пример и при купување на имоти, тоа оди според начелото “да видиме дали има повеќе наши таму“, а под „наши“ подразбираме етничка припадност, и ова покажува дека најверојатно треба да се смени начинот на имплементирање на активности или проекти на темава, бидејќи триесет години наназад зборуваме за истата тема, вели Шабани.
Дејан Ризински од МОФ посочува дека образованието е е од особена важност за менување на перцепцијата и издигнување на интеркултурните односи.
“Би сакал да направам еден чекор понапред во дискусијата, бидејќи да, факт е дека мултикултурализмот постои во државата, е нешто што отсекогаш било овде, нешто што постоело и ќе постои во државата, нешто што ја карактеризира нашата земја. Но особено е важно да преминеме од темата мултикултурализам, кон темата интеркултурализам. Тука имаме проблеми кога треба вистински да се воспостави соработка помеѓу различни заедници, особено помеѓу млади од различни заедници, на сета таа стигма која постои кон одредени етнички заедници коишто живеат заедно со нас. Мојата препорака во однос на ова е дека образованието е особено клучно за менување на перцепцијата и особено издигнување на тие интеркултурни односи коишто би требало да постојат во едно здрава демократска заедница, со цел да можеме тој мултикултурализам да го ставиме во пракса, бидејќи не е само да бидеме свесни дека постојат различни заедници во нашата земја, туку е многу важно да стимулираме соработка помеѓу тие заедници“, вели Ризински.
Д. Тахири
камера: Дехран Муратов
реализација и монтажа: Ариан Мехмети