Во Штип рано изутринава во 5:40 часот на улицата „Сремски фронт“ на паркинг просторот меѓу две станбени згради е опожарено едно возило, а друго е делумно оштетено, пренесува МИА.
Емир Чавиров сопственик на возилото марка „мрецедес“ вели дека Противпожарната служба веднаш пристигнала, но возилото за кратко време е целосно изгорено. Вели дека нема никаква причина, ниту пак непријатели за да му наштетат и да му направат вакво злодело. Очекува полицијата да ги најде сторителите на намерното палење на неговиот автомобил. Смета дека сега автомобилот, а утре може и некој да загине при вакво палење на возилата во Штип.
Пред само неколку дена во штипската населба Сењак, на улицата „Борис Крајгер“ беа опожарени пет возила, од кои три целосно, а две делумно.
Меѓу трите целосно изгорени возила беа и автомобилите на Никола Тушев, поранешен претседател на ОО на СДСМ Штип и на неговиот татко Мите Тушев, инаку брат и татко на поранешната пратеничка од СДСМ Маринела Тушева.
Според статистичките податоци на Противожарната служба опожарени се 20 возила во штипскиот регион од почетокот на годината па досега, а службите на СВР Штип треба да излезат со конкретни податоци колку од возилата се случајно запалени, а колку од нив се дело на пиромани.
М. И.












