Во Слободна зона на ЦИВИЛ денеска пишуваат Џабир Дерала, Александар Николиќ Писарев и Даница Павловска-Циги.
„Сите се предавници, само тие се патриоти. Сите се шпиони, само тие се верни македонски синови и ќерки. Да бидеме коректни, бугарските пасоши не ги спомнуваме, нели? Само дека Бугарите ги мразиме, се разбира не повеќе од Албанците, а си ги сакаме само „нашите“. Колку и да не нè сакаат тие“, пишува Џабир Дерала во рубриката ЕДИТОРИЈАЛ, под наслов „Тотално апсорбирани од омразата и неспособноста“.
„Меѓународната заедница, вклучително и САД, немаат повеќе трпение, а ни време, да ги толерираат ваквите идеи, тоа Бајден јасно го кажа во најновиот декрет. Бидејќи во третата декада од новиот милениум ги чекаат поголеми и посериозни предизвици од Мицкоски и Груевски, а тоа се енергетиката, климатските промени, Кина, па и Русија, во која многу бргу Путин ќе дојде под притисок на локалните бизнисмени кои ќе бараат поголема демократија и отворено ќе му кажат – „шефе, олабави малку!““, пишува Александар Николиќ Писарев во третиот дел од анализата „Кој (не) ја разбра пораката од Бајден? (3)“. во кја можете да прочитате и за хипотеките од антиалбанскиот синдром, вистинските причини за креирање и промоција на теоријата на заговорот за „Тиранската платформа“, кој стои зад обидите да се урнат важните договори за мир, стабилизација и прогрес во регионот и низа други факти, заборавени или помалку познати.
„На овие простори имаме „богато“ искуство со национализмот и хулиганизмот во спортот и на трибините во 80-тите, предвесник на она што се случи неколку години подоцна. Дел од оние што дивееја на трибините завршија во крвавите војни во државите од бивша Југославија. Некои влегоа и во политиката. Такво нешто е незамисливо во една Данска или Финска, нели?“, пишува Петрит Сарачини во својата редовна рубрика MIDNIGHT EXPRESS, под наслов „Национализмот и шовинизмот – општествен канцер“.
„Со сигурност може да се тврди дека ниеднаш одговорните субјекти и администрацијата не покажаа доволно стручност, аналитичност и транспарентност во интервенциите во јавниот простор. Се очекуваше создавање на една зелена визија на градот со присуството на филозофијата на архитектот Јан Гел односно вградувањето на принципот на оплеменување на сите јавни простори во функција на човекот – граѓанинот. Изготвениот Извештај од една мала анализа на центарот на градот базирана на неговата мисла, постулати и критериуми, а координирана од него и неговиот тим, едноставно не се користи (омаложувачки, игнорантски, тажно)“, пишува архитект Даница Павловска Циги во „Кога пилите ќе стивнат“.