Разрешување на потпретседателот на партијата и актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, разрешување на членот на Извршниот комитет Костадин Богданов, дисциплинска постапка за исклучување на Сашо Мијалков и Никола Тодоров, како и барање до пратениците кои гласаа за уставните измени да ги вратат мандатите е билансот од синоќешната седница на Централниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ.
Претседателот на партијата Христијан Мицкоски иако не присуствуваше на седницата дал предлог за одржување на вонреден конгрес за гласање доверба за претседателот на партијата, кој Централниот комитет едногласно го одби сметајќи дека партијата нема потреба да одржи вонреден конгрес.
По завршувањето на седницата, потпретседателот на партијата Александар Николовски истакна дека ништо повеќе нема да биде исто во ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата завршува со хипотеките од минатото и продолжува напред, силно и реформирано кон иднината на Македонија.
Николоски изјави дека Митко Јанчев и Костадин Богданов се разрешени заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев како и заради организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници од коалцијата, со цел да гласаат за уставните измени.
Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, во изјава за „Фокус“ синоќа потврди дека е разрешен од функцијата потпретседател на партијата и за денеска најави официјална изјава за настанот.
Костадин Богданов исто така потврди дека е разрешен од партиската функција.
„Јас не сум присутен на седницата на Централниот комитет, но претставници кои се таму ме инфомираа дека сум разрешен. Едноставно имаме спротиставени визии со Претседателот за патот по кој треба да се движи партијата и развива државата. Разликите особено дојдоа до израз во последните неколку месеци кога се актуелизира Договорот од Преспа. Според мене, тоа беше, но и се уште е, моментот во кој партијата требаше јасно и конкретно да ја покаже својата евроатлантска заложба. Јас длабоко верувам дека Македонија ќе биде просперитетна држава, членка на НАТО и ЕУ преку Договорот од Преспа. Истовремено, се залагам и ќе се залагам за модерна народна партија во која неистомилениците нема да се исклучуваат од партијата“, изјави Богданов за „Фокус“.
За дисциплинската постапка против Сашо Мијалков и Никола Тодоров, за нивно исклучување Николоски само кусо искоментира: „Сакаме да ја честитаме новата коалиција во Република Македонија, Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков“.
Поранешниот директор на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, вчера пред одржувањето на седницата на Централниот комитет изјави дека во овие моменти најмалку е потребно создавање на поделби коишто ќе имаат за цел да ја ослабат партијата.
„Им порачувам на сите патриоти, членови и поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, дека е потребно силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе биде стожер на сигурна, безбедна и просперитетна Македонија“, изјави Мијалков за „Прес24“, отфрлувајќи ги шпекулациите за неговото наводно влијание врз членови на партијата.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски побара од осумте пратеници кои гласаа „за“ уставните измени да поднесат оставки од своите позиции, бидејќи работат спротивно на волјата на граѓаните.
Тој повторно го повика Јавното обвинителство да ги истражи наводите за притисоци и уцени врз пратениците.
Пратеникот на ГРОМ, Панчо Минов, кој е во коалиција со опозицијата, синоќа во емисија на ТВ24 изјави дека ја напушта пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако е разрешен Митко Јанчев јас излегувам од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. И ќе бидам надвор од таа коалиција додека Мицкоски е претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе прекинам членувањето во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се недомократски методи“, изјави Минов во вечерашната емисија 24 Анализа.
М. Ивановска