„Највозвишената цел на еден народ е да создаде држава“, изјави Ѓорѓе Иванов, претседател во залез, на една држава и еден народ кој низ историјата имал само една цел – да биде и да остане држава. Народ, па и не баш. Македонски да, но тоа подразбира жртвување на сè што е не – македонско на „Бог – овите“ што ни ја кројат иднината, а богами и судбината.
Супер изјавата на Иванов по повод Денот на револуционерната борба во Македонија или денот кога се формирала Македонската револуционерна организација во далечната 1893 година.
Но, она што постојано заборава нашиот ни, само за свечени и празнични пригоди, претседател е дека уште повозвишена цел е каква држава ќе се создаде и како таа ќе преживее низ временските неприлики.
А, за тоа е потребен народ, според вокабуларот на Иванов, кој по сите историски записи треба да биде чистокрвен патриот, идеалист, бранител на слободата со кама и кубура, некој инаетчија што ќе истера до крај да биде „свој на своето“, што би рекол претседателот ни.
„Неброени македонски патриоти ги положија своите животи за остварување на овој идеал… нивниот сон за слободна и независна Македонија е реалност… слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано…“, вели Иванов.
И во право е. Точно е дека еднаш освоена слобода не значи дека нема да се кршат копја за нејзина одбрана.
И од тука Иванов влегува во соочување со реалноста: „ Обврска на нашата генерација е да не дозволиме нашата слободна и независна држава Република Македонија да биде обезличена“.
Предупредување. Тоа што референдумот помина за кого како, во зависност од политичките афинитети и кампањи, во демократски дух на патриоти, националисти, со не-гласачи што чистат раце од сè што е политика, со европски ореол над сите што сè уште веруваат во чуда и гласаа „за“, неспорно го покажа хероизмот на македонското општество. Сепак, не достојно за идеологијата дека ние сме народ од времето на Аце чие херојство и начин на суптилно окупаторство се реинкарнирало милениум подоцна во „светото ВМРО –ДПМНЕ“.
Мала дигресија, како ли се вклопува „инквизиторското“, во наше време, криминалното христијанство во целата античка приказна? Сигурно, Аце наш се превртува во гроб од небулозите на неговите денешни следбеници во креирање на „Ацевата раса“.
„Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија. Затоа, да не ја губиме надежта и љубовта кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на нашата слобода и нашето човечко достоинство“, вели претседателот.
Во превод – вие што сега треба да одлучувате по нацрт – амандманите за уставните промени, по предлог на Владата, а во контекст на Договорот со Грција за спорот со името, вратете се во минатото, набилдајте се патриотизам, преточете го во национализам, поткрепете го со говори за смрт или слобода и фурајте напред кон иднината. И не ја заборавајте камата и кубурата.
Низ устата на Иванов, во ушите на послушниците и можеби на крај ќе бидеме Бивша Северна Република Македонија, со краток рок на траење со dead end на крајот на патот кон Европа.
Да се надеваме дека новогодишната честитка на Иванов, ќе биде и последна.