Република Северна Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата.
Ваквата Одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
– За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција, соопшти Министерството за финансии.
Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.
Северна Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.
Пред само 2 дена, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски тврдеше дека нема никаква загрозеност по ИПАРД средствата ниту по националните плаќања што ги имаме како држава.
Директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството Илија Стоилев беше фатен како прима мито од 400 евра од ветени 50.000 евра за да потпише документ, со кој ќе обезбеди користење на финансиски средства од ИПАРД програмата на фирма која не ги исполнува условите.
Во врска со барањето на опозицијата за негова оставка од функцијата министер, Трипуновски вели дека не гледа никаква поврзаност.
М. Д.












