“In vino veritas”
Преполно со теми за муабетење неделава, од ризично-смешно небулозни до многу тажни случувања во светот. Паралели со Нирнбершкиот процес, исклучување на Албанците како составен народ во државата од говор на еден лидер па се до грозоморниот терористички настан во Нов Зеланд. Изгледа така тече животот, тука се смееме, следниот момент плачеме, а потоа се плашиме за сопствените ни животи.
Како малечки бевме четири другарки, Анче, Тања, Лале и јас. Многу лудории правевме , а креаторот на лудите идеи често бев јас. Еднаш, занесена од филмовите на Џејмс Дин, предложив да одиме на пикник на пољаната којашто беше на среде некаков терен за вежбање на Југословенската Армија. Прескокнавме жици и со корпите полни со храна бевме спремни да се сместиме. Куршумите што почнаа да пиштат наоколу, од некоја си војна вежба на армијата не натераа да трчаме заборавајќи ги и корпите и чергичките што ги бевме прострале… Друг пат отидовме навечер на гробиштата блиску до нашето маало и врескаме на цел глас на сред гробишта… Денес се прашувам-кому тоа му пркосевме!?… Но, најомиленото нешто ни беше да се возиме со точаците по населбата. Возевме со часови. Се пикавме по најнепознатите улички. Еднаш толку се заборавивме, се оддалечивме и се изгубивме во времето што дома се вративме многу касно навечер. Следното утро мајка ми ми раскажа што се имаше случено некаде во Србија. Ниш ли, Нови Сад ли беше, не ми текнува. Дали мајка ми раскажувајќи ја случката сакаше индиректно да влијае на мене, да бидам претпазлива, не знам, но јас тогаш од дома не излегов два дена. Некој си маж -раскажуваше мајка ми, примамило девојченце во неговиот дом и ја убил, го исекол нејзиното тело на парчиња… Стуткана во мојата собичка под ќебенцето не сакав да чујам ни за точак, ниту пак за пикници. Молењето на Анче велејќи ми дека го донеле рингишпилот, и од убавиот сладолед во слаткарницата до рингишпилот во маалското корзот во Сингелиќ – ме извлекоа надвор, а и од умот ми ги оттргнаа сликите на девојчето во Србија.
Денес е втор ден откако не сум излегла од дома. Затворена во моето катче, со чаша црвено вино од кое едвај голтка голтнувам, ја читам “Волшебниот рид” од Томас Ман. Но, од десетта страница никако да мрднам. Што ми требаше да го гледам видеото на лудакот како пука во луѓето во Нов Зеланд!? Бил низ Балканот рекоа. Шетал наоколу и никој да не го препознае лудилото во него!
Има ли крај на омразата меѓу луѓето!? Или, како да ставиме крај на нетрпеливоста на различностите!? Не има ли доволно од нас што можеме да ги смениме лудаците!?
Не, јас од десетта страница очигледно не мрднувам. Кој избор преостанува за да не потонам во гнев и страв од толку омраза во нашата држава и од толку свирепост низ светот!? Некој магичен, сончен брег, некаде на некој остров кадешто има само зеленило и животни од тие питомите, сигурно би ми било убаво засолниште…
Хммм, но, за почеток, ги обувам патиките, го облекувам дуксот и правец на пешачење на Водно, на пркосење на омразата! Да, и ќе вреснам на цел глас, да го прочистам гневот и го исфрлам стравот…
Илустрација: Adam Jones, Artwork of World War Two Suffering
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.