На денешната прес-конференција Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси извести дека по пријава од познат пријавител покренала постапка за утврдување на судир на интерес кај градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој склучил договор за консултантски услуги со своето адвокатско друштво. Шилегов бил повикан на разговор и по воочување на судирот на интереси го раскинал договорот со што ДКСК го затвора предметот.
Но, како што најави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, доколку Град Скопје има склучено договор со истата консултантска куќа, тогаш ДКСК ќе го испита случајот и ќе отвори нов предмет.
ДКСК на прес-конференцијата излегоа и со информации за в.д. директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, назначен од Владата на 15 декември 2020.
„Она што е спорно за ова лице што е именувано како директор е дека истовремено е и член на Управниот одбор на Агенцијата за филм. Во праксата согласно Законот за филмска дејност директорот предлага на Управниот одбор одредени одлуки, а од друга страна Управниот одбор го задолжува директорот за спроведување на одредени одлуки што ги носи и се во надлежност на Управниот одбор. Едноставно се работи за неспоивост на функциите, не може директор да предлага, а истиот тој, како челна на Управен одбор да ги одобрува тие предлози. Затоа, на овој начин ние превентивно делуваме и укажуваме на Владата да го разреши ова лице. Од член на Управен одбор доколку смета дека тоа лице треба да ја врши должноста в.д. директор на Агенцијата за филм“, изјави Владимир Георгиев, член на ДКСК.
Владата денеска информираше дека по денешната реакција на ДКСК, е констатирана оставката на Бојан Лазаревски од функцијата член на Управниот одбор на Агенцијата за филм.
Оставката на Лазаревски, како што информираат од Владата е поднесена неколку дена пред тој да биде назначен за в.д. директор на Агенцијата за филм.
„Оттаму, во конкретниот случај не постоела никаква можност да настане кумулација на функции“, велат од Владата.
Б. Ј.