Од корнер: Зоран Иванов
Со Преспанскиот договр, со елиминирање на пречката за интегративните перспективи, со уставните интервенции, со новото име, со новата регистрација во ООН, со преиемот во Алијансата, со затворањето на Рамковниот, со договорот со Бугарија и конечно со приемот на земјава во НАТО, ете ги извесните гаранции за интегрирана, побезбедна, унитарна Македонија.
За неповратно време на несаканите децениски македонски состојби. Се разбира, сето ова се само претпоставки за похармонично општество. За институционална сигурност без длабоки поделби, без сурови антагонизми, без пизми. За витешки меѓупартиски борби со реални понуди за правда и еднаквост, за економија и социјала, за побогата и похумана заедница.
Сè позачестените позитивни сигнали и последната оптимистичка вест од министерската конференција насловена Од Солун до Загреб, само потврдуваат дека нашата шанса пак станува извесна. Но, наместо да правиме реформи, ние пак правиме избори. А, за жал, токму од учесниците на изборите и зависи дали поради себични политички калкулации ќе решиме и натаму да стоиме на прагот на влезната интеграциска порта или сепак на Западот ќе му препуштиме да почне да нè прибира внатре.
Три децении газиме со нашата самостојност. Постојано некаде чекориме, а стасуваме во место. Да не напредуваше светската технолгија ќе бевме уште во педесеттите. Во цивилизацискиот напредок ние ама баш за ништо не сме заслужни. Ние ниту тротинет не произведуваме. Македонски велосипед ни е мисловна именка. За Ербас 380, барем за некоја навртка, штрафче некакво за него, не можеме ниту да сонуванме.
Затоа пак нè бива за партиски прикаски. За партиски ветувања, за партиски митинзи, за партиски маршеви. За избори, за митинзи, за кампањи, за пароли, за плукања. За сè освен за поконкурентен напредок на нашата држава. И наместо да нè зезаат со избори и кампањи, да се обидат некогаш заедно да се задумаат врз некој список на обврски. Врз оној на Прибе, на пример. И едните и другите и третите да престанат да се колнат во Македоднија и да се договорат и да сторат нешто заедно. Нешто конкретно што ќе нè потурне кон европските вредноссти. Да ја поттурнат Македонија натаму.
Наместо тоа, еве и пред овие избори, партиите промотори на овие состојби пак во меѓусебни исцрпувања. Пак во тривијални дневно политички теми. Произведуваат памфлети и креираат етикети. Вокабуларот на нетрпеливост стана нивна главна комуникациска алатка. Во ново дигитално време државава влезе со уште нерешени стари аналогни проблеми и со постојано продуцирање нови. Со помали и поголеми конфликти. Со стравови, ксенофобии, антагонизми. Светот брзо се движи, а ние и натаму на периферијата, на банкините.
Ова e време кога конечно стасавме барем пред портата на Европа. И кога конечно можеме да му се заблагодариме на примитивизмот. И кога конечно имаме реална шанса да допреме до европските вредности.
За друго вакво време малку ќе почекаме.