5 мај 2015 година ќе остане запаметен како денот кога на протест против полициската бруталност се случи најголемата полициска бруталност во поновата историја на земјата.
Откако во јавноста излезе „бомбата“ за убиството на Мартин Нешковски и обидот на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, да го сокрие случајот, илјадници граѓанки и граѓани излегоа пред зградата на Владата на мирен протест.
Она што до 21 часот наликуваше на мирен протест, одеднаш се претвори во настан за пресметка меѓу полицијата и граѓаните, ситуацијата ескалираше, а билансот на МВР беше околу 30 повредени полицајци и отприлика толку приведени граѓанки и граѓани.
Полицијата безмилосно тепаше се пред себе и не само пред седиштето на Владата, туку и по улиците, на паркинзите, во парковите и библиотеката „Браќа Миладиновци“. Дел од нив беа приведени без никаква основа и објаснување, тепани и малтретирани при приведувањето, задржани во притвор цела ноќ.
Три години подоцна, сè уште нема одговорност од функционерите и полициските службеници кои се винови за претепувањето на активисти, новинари, пензионери, студенти, граѓанки и граѓани.
Но ние сме тука за постојано да потсетуваме, за никогаш да не се повтори 5 мај!
ЦИВИЛ – Центар за слобода на 3 мај годинава потпиша Меморандум за соработка и партнерство во борба против насилниот екстремизам и тероризам со Министерството за внатрешни работи, а истовремено ќе работи и на враќањето на довербата на граѓаните во полицијата.