пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Честопати слушам и читам, и по медиуми, портали, социјални мрежи, коментари, но и од разни истражувања и фокус групи, дека дел од Македонците се чувствува „дискриминиран од Албанците“, велат дека се „граѓани од втор ред“, дека има Албанци што не одат на работа и земаат плата, дека се како заштитени мечки во администрација, дека…
Имам една вест за вас, драги мои. Тие, за коишто велите дека ве дискриминираат, не се „Албанците“! Тие за коишто зборувате, вршат далеку поголема дискриминација кон Албанците во Северна Македонија, кои едвај добија шанса да пркнат по една долгогодишна системска дискриминација (сакал тоа да го признае некој или не), но таа шанса им ја одзема една политичка партија која со нив владее речиси две децении.
Затоа, да си знаете, ако сте се почувствувале дискриминирани еднаш, вашите сограѓани Албанци, иако мнозинството од нив гласаат други опции или не гласаат, се двојно дискриминирани.
Не знам дали не сте знаеле, но веројатно знаете оти слични искуства има и во „македонскиот блок“. Слушнавме доста од тоа во бомбите објавени и од СДСМ, но и оние што излегоа подоцна, како функционира власта, како се добиваат функции, вработувања, како се легализираат објекти, како се справува со неистомислениците. Ако не ви текнува, да ве потсетам на една од легендарните реплики од тие муабети, кажана од поранешната министерка за внатрешни работи: „тоа што го правиме ние, го прави и ДУИ“.
Односно, ако не сте дел од структурите на владејачката партија кај Албанците, ако не сте симпатизер, некој што носи гласови, тешко се стига до вработување, победа на конкурс, тендер, соработка со државни институции…А такви се мнозинството Албанци во Македонија, но нивниот гласачки потенцијал е поделен или обесхрабрен, а дел, како и македонскиот, отселен.
Каков е односот на македонското општество кон овие Албанци, но и кон сите други граѓани кои немаат пристап онаму кадешто „владее“ неприкосновената ДУИ? Или пак и за кабаетот на таа партија, која натовари цела партиска војска на државен грб и буџет (кој го полнат поприлично и надпроцентуално и Албанците) се криви сите Албанци, кои душа не можат да земат две децении од тој партиски клиентелизам и ропство, додека гледаат како им пропаѓа образованието, како немаат канализации и вода, како им се отселуваат младите?
Размислете добро драги мои сограѓани околу дискриминацијата. Таа се победува со заедништво, а не со играње на „дивиде ет импера“ играта на дискриминаторите.
#SledeTene
#LiveFromTheCrystalBall