ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО Дежурната екипа на ЦИВИЛ јавува дека течат подготовките за голема регионална конференција за нападите врз демократијата и човековите права во Западен Балкан, што ќе се одржи в среда, 28 јули, а која се организира во соработка со Балкан Форум. Најавени се гости од сите земји на регионот, како и меѓународни експерти. За денеска се најавени повеќе детали за конференцијата.
ПОЛИТИКА Политичките партии ќе продолжат со интензивни активности на терен. Мониторингот на ЦИВИЛ секојдневно прави и објавува извештаи за активностите на политичките партии во изборен, но и во поширок контекст.
ВАКЦИНАЦИЈА Од понеделник, 26 јули, граѓаните кои поради здравствени причини не се во можност да дојдат на вакцинален пункт за да примаат вакцина за ковид-19, може да закажат вакцинирање во домашни услови (кликнете на линкот за повеќе информации и телефонски броеви од здравствените домови низ земјата).
РЕКРЕАЦИЈА Попова Шапка ќе промовира летни активности на планината, со почеток во 10 часот. Своевремено Попова Шапка, иако зимски рекреативен центар, не беше активна ни зиме, но сега промовира и летни активности.
ЗООЛОШКА Со проекцијата на филмот „Пинокио“ во 20:30 часот вечерва во Градски парк на „Школка“, ќе почнат низата настани со кои ќе се одбележат 95 години од основањето на Зоолошка градина – Скопје. Од Зоолошката градина информираат дека во текот на наредните месеци се планирани едукативни и забавни настани во градината.
ТОПЛОТЕН БРАН УХМР најавува дека следува период на стабилно и многу топло време. Дневните температури ќе бидат во постепен пораст, а особено топло се очекува од средината на следната седмица. Најтопло ќе биде в среда, со максимална температура од 34 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. На медиумската платформа на ЦИВИЛ може да се најдат повеќе содржини за климатските промени.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.












