пишува: МАЈА ИВАНОВСКА
На барање на претседателот Стево Пендаровски по одржување на лидерската средба, Комисијата за заразни болести изготви протокол за денот на одржување на изборите и за време на целокупниот изборен процес. Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција кажа дека протоколот има 4 дела и бил едногласно поддржан од сите политички партии.
Воопшто не е важно дали политичките партии едногласно го прифатиле протоколот! Комисијата за заразни болести е самостојна и единствена квалификувана институција која смее и во случајов мора да изготви ваков протокол. Не по желба на партиите, туку по мерка на заштита на здравјето на граѓаните. Се што можат политичките партии да направат е да ги применуваат и почитуваат мерките и насоките. Во спротивно не само што треба да се казнат, туку треба и да се дисквалификуваат од “играта”.
Комплетно ми е нејасна намерата на Комисијата, за дозволување на одржување митинзи без разлика на тоа што направиле некаков обид за воспоставување на правила и услови под кои истите би се одржале. Да не зборуваме за тоа дека условите се неконкретни со што се остава простор за слободно толкување од страна на организаторите. Ова особено се однесува на превозот на членови и симпатизери од еден во друг град. Тоа генерално ми е нејасно, не само во случај на пандемија. Па, бидејќи сите партиски лидери се изјаснија дека здравјето на граѓаните им е пред и над сè, баш би сакала да видам кој јунак ќе се одважи и ќе ја прескокне оваа небулоза.
Одењето од врата на врата во овие услови во кои се наоѓаме и ќе се наоѓаме и понатаму претставува “одлична” можност за злоупотреба, бидејќи истовремено им се помага на ранливи групи. Како планираат да ја разграничат помошта од поткупот? Да се разбереме помошта на дел од граѓаните и понатаму ќе им биде потребна без разлика дали се наоѓаме во изборен процес или не.
Факт е дека ни требаат функционални институции, и единствениот излез од оваа ситуација се избори, но не по секоја цена.
Постојат и други начини на кои партиите може да стигнат до своите потенцијални гласачи, а дел од нив имавме можност да ги видиме додека трае оваа вонредна состојба. Затоа, предлагам Комисијата за заразни болести да ја ревидира својата одлука и подготвениот протокол, не по мерка на партиите, туку по мерка на оние заради кои партиите влегуваат во изборен процес!