Започна втората сесија од форумот „Две години Влада – одговорно пред граѓаните“, на тема „Агенда 2019-2020: Фокусот на Владата до крајот на мандатот“, на која модератор е Џабир Дерала од ЦИВИЛ, а учествуваат премиерот Заев, Томислав Кежаровски, новинар, Беса Арифи, универзитетска професорка, Таки Фити, претседател на МАНУ, Љатифа Шиковска, граѓанска активистка, Уранија Пировска, директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Коста Петров, претприемач и Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка.
На почетокот Дерала посочи дека Владата предводена од Заев пред себе има многу кратко време, дека минатата година, премиерот и неговиот тим биле повеќе надвор, отколку дома, дека Заев ветил дека оваа година ќе биде економска година и ќе се посветат на реформите внатре.
„Дали мислите дека ќе успеете да го изострите фокусот бидејќи странците се уште ве бараат? Дали мислите дека фокусот на Вашиот тим, сегашнен, па и тој реформираниот кој се очекува, ќе успее за кратко време да се соочи со сите предизвици внатре во државата, имајќи предвид дека сите работи во регионален и меѓународен план не се завршени?“, праша Дерала.
„Самиот Договор со Бугарија не беше лесна работа, носи придобивки и допрва ќе носи други, исто и со Грција, но сето тоа и дома што го направивме беше поради иднината, економијата и јакнењето на капацитетите на инситуциите. Денеска имаме Влада која е во одличена соработка со граѓанскиот сектор, медиумите, експертите, професионалците, со кои и денес седам тука… Мора да признаеме сите дека оваа Влада знаеше да помести чекори наназад, под критика на граѓанскиот сектор и медиумите, и тоа е придобивка која ќе остане вечна и трајна и за други влади, кои би дошле следни“, изјави Заев.
Заев додаде дека ги отвориле сите прозорци и врати на меѓународен план и дека доколку не се вградиме во глобалниот свет, не можеме да очекуваме брз интезитет на економскиот стандарди и севкупниот квалитет на живот.
„Важно е да има правда и отчетност на правосудството и да ја вратиме довербата во истото. Важно е да имаме здравство кое ќе го следи пациентот, образование кое ќе продуцира квалификувана работна сила. Да имаме култура за денеска, а не за минатото, која беше доминантна во периодот пред нас. Важно е да нè критикувате кога го заслужуваме и да го поддржите тоа бидејќи имактот пред граѓаните не можеме да предочиме без вас. Придобивките од сето ова мора граѓаните да ги потврдат и да кажат дека се токму тие“, додаде Заев.
Заев изјави дека економските бројки сè уште граѓаните не ги чувствуваат и дека е свесен за тоа, но дека само по себе се одлична надеж ако продолжат со тој тренд.
„Јас сум просечен човек, верувам дека имам професионалци во многу области, дури поголеми и од мене, ако заедно сработиме во следниот период, верувам дека ќе придонесеме ефекти. Важна е да ни продолжи мотивацијата од ЕУ, на крајот водилка е токму тој процес. ЕУ ни кажуваше дека сме блескав пример во регионот и мораат да испорачаат поради тоа што сè што направивме е за интеграцијата, која ги носи сите економски придобивки“, додаде Заев.
А. Петровска












