Реализацијата на проектите во рамки на инфраструктурниот Коридор 8 била една од темите на денешната средба во Скопје на премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.
На заедничката прес-конференција по средбата, премиерот Заев нагласи дека за Коридорот 8 од наша страна се обезбедени средства во висина од 580 милиони евра, од кои 65 милиони евра се од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, 60 милиони од ИПА 2 програмата, како и од кредити од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициски банка.
Во разговорот посебен акцент е ставен на железничкото поврзување меѓу двете земји, кое го опфаќа и изградбата на тунелот кај Ѓуешево, од кој половина ќе биде на бугарска, а половина на македонска страна од границата.
Борисов потенцира дека тунелот од бугарска страна е речиси готов, додавајќи дека мора да се забрза изградбата на Коридорот 8. – Можеме уште да го забрзаме процесот и ве повикувам сите да се вклучиме и да не губиме време, порача Борисов.
Тој најави дека министрите од двете земји што го покриваат ресорот градежништво следната недела ќе го посетат Ѓуешево, за да видат до каде се градежните работи на тунелот.
Премиерот Заев, нагласи дека тунелот, што е дел од третата фаза од изградбата на железничката пруга и кој чини повеќе од 80 милиони евра, треба да биде изграден во еден дух и квалитетно.
Тој истакна дека за нас Коридорот 8 е и автопатот Скопје – Миладиновци – Свети Николе, што продолжува преку Штип до Берово и граничниот премин Клепало на македонско-бугарската граница, кој двете земји исто така го градат заедно, како и уште двата други премини.
„Сите тие се нашите мостови на поврзување, кои треба да отворат сериозни перспективи и за економијата и за секојдневното живеење“, потенцира Заев.
По завршувањето на заедничката прес-конференција, премиерите заедно положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје по што ги разгледаа фреските и иконостасот во црквата.
На поклонувањето на гробот на македонскиот револуционер беа присутни и министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Екатерина Захариева.
Борисов порача заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања дека мора да најде решение за прашањето на Гоце Делчев до октомври.
„Комисиите мора да постигнат компромис до октомври. Не треба да се пречекори октомври. Комисиите мора секојдневно да работат“, рече Борисов запрашан што доколку не се постигне решение до октомври месец кога ЕУ треба да се наврати на одлуката за датум за преговори за нашата земја.
Тој беше дециден дека од тоа зависи и одлуката на Владата во Софија, но и дека посакуваат да избегнат вакво сценарио по секоја цена.
На прашањето дали Бугарија би можела да го постави прашањето за членството на РСМ во ЕУ, кажа дека воопшто не помислува на таква можност.
„Не би сакал ни да помислам дека може да дојде до такво прашање, јас да кренам рака против РСМ тоа е недопустливо. Ние да допуштиме да биде блокирана Македонија во никој случај не размислувам и нема да дозволам. Во последните две децении ништо се немаше придвижено напред. Ако го гледаме само нашиот бугарскиот интерес, немаше да се заложиме за РСМ во НАТО во ЕУ“, изјави Борисов.