Премиерот Зоран Заев во вчерашното гостувањето во централниот дневник на Телевизија „Сител“, истакна дека има оптимизам во однос на решавање на прашањето со Бугарија, и најави дека денеска е планирано да разговара со германската канцеларка Ангела Меркел.
Информирајќи дека за време на средбата во Берлин, тој бил онлајн со Османи и Димитров, Заев потенцира дека гледа оптимизам и во обраќањето на Захариева, но и во фејсбук статусот на премиерот Бојко Борисов.
Тој истакна дека е добредојдена помошта од Германија и оцени дека даваат резултати честите комуникации помеѓу работните групи и минситрите од двете страни, бидејќи се работи за две пријателски земји. Потсети дека Бугарија го врати фокусот на Западен Балкан во ЕУ и ја има желбата да продолжи европеизацијата на Западен Балкан.
„Сега сме ние на ред Република Северна Македонија треба да ги отвори поглавјата преку првата меѓувладина конференција. Се трудам да има целосно разбирање. Двете страни сакаат да има решение“, рече Заев.
Во однос на споменатата декларација од страна на Бугарија, Заев појасни дека се работи за изјава односно нота до Бугарија и до ЕУ дека Република Северна Македонија и Северна Македонија се едно исто и реферираат на политичкиот субјект на државата – Република Северна Македонија, притоа со нашиот Устав е гарантирано дека немаме територијални претензии према никој од соседите, ниту кон Бугарија.
По извесниот напредок постигнат во Берлин на средбата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на димпломатијата Бујар Османи со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на инцијатива на нивниот германски колега Хајко Мас, продолжуваат дипломатските напори во насока на приближување на ставовите на двете страни со цел овозможување на одржување на првата Меѓувладина седница со ЕУ за време на германското претседателство.
Захариева вчера во изјава за бугарските медиуми потврди дека бил постигнат одреден напредок во однос на отворените прашања, но оти се уште не се во можност да ја одобрат рамката за преговори за Македонија. Софија рече таа има забелешки на „екстремно и систематско непочитување“ на Договорот за поријателство, за „неподготвеност на Македонија да се придржува до формулата за јазик во договорот“, како и за нездоволителното темпо на работа на Заедничката историска комисија која не работеше речиси една година. Појасни дка има одреден напредок во однос на отворените прашања во Берлин за Македонија како што е користењето на краткото име на Северна Македонија.
Од македонската страна, пак, беше изразен воздржан оптимизам дека честите контакти и средби на високо ниво со Бугарија водат кон приближување на позициите. Се изразува благодарност до Германија како претседавач со ЕУ за засилениот ангажман за исполнување на заедничката цел: одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ и се укажува на посветеноста на земјата на Договорот од 2017 година кој, велат, нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања.












