Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска на својот Фејсбук профил напиша дека ги прифаќа забелешките на новинарите за неговиот начин на комуникација по собраниската конститутивна седница.
Тој порачува и дека нема никаква намера да влијае врз работата медиумите и новинарите.
„Добив реакции од различни страни од новинарската фела за изборот на зборови и начинот на комуникација со дел од новинарите во Собранието, по конститутивната седница. Ги прифаќам забелешките на ЗНМ и фелата и во размена на мислења со нив веќе укажав дека сите треба да се потрудиме за подобра комуникација во иднина и дека немам никаква намера да влијаам врз работата на медиумите и новинарите. Секој пред јавноста е одговорен за своите постапки, а сите имаме обврска секојдневно и здружено да работиме на оневозможување на ширењето на лажните вести, на запирање на клеветите, навредите и нападите врз која било индивидуа, вклучително и врз медиумските работници“, пишува Заев.