Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни “куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија” како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици, вели во реакција на поранешниот премиер и екс лидер на СДСМ, Зоран Заев, по синоќешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски кој рече дека „завршува времето кога источниот сосед и неговиот премиер финансираше македонски политичари“.
„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која и ја нанесува на целата држава. Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија“, истакна Заев.
А, кога сме веќе кај куферите, додава Заев, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата.
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашниот народен митинг во Радовиш, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, потенцира дека заврши времето кога бугарски премиер финансираше македонски политичари, а тие му испорачуваа компромиси на грбот на народот за национални прашања.
,,Завршува нивното време. Завршува времето кога источниот наш сосед и неговиот премиер финансираше македонски политичари, за да овие му даваат подароци во форма на национални отстапки врз грбот на македонскиот народ, а завршува времето на предавства, почнува времето на достоинствена политика, на факти, аргументи, исправен ‘рбет и резултати. Само така Македонија и сите заедно ќе победиме “, рече Мицкоски.
ТИМ НА ЦИВИЛ ЗА МОНИТОРИНГ НА ХИБРИДНИ ЗАКАНИ (ЦХТМ)