Премиерот на Северна Македонија и лидерот на СДСМ, Зоран Заев го посети седиштето на Бугарска социјалистичка партија во Софија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие имале краток разговор, а од БСП претходно објавија дека средбата е иницирана од македонска страна. Заев ѝ подари букет цвеќе на лидерката на БСП Корнелија Нинова, посакувајќи ѝ успех во предизборната кампања, пренесува Слободен Печат.
– Со претседателката на БСП, Корнелија Нинова имаме иста главна цел – Народите да ни бидат блиски и заедно во ЕУ. На денешната средба во Софија се согласивме дека преговорите на Северна Македонија со Европската Унија мора да почнат час поскоро и дека секоја поддршка во оваа насока е од исклучителна важност.
Северна Македонија и Бугарија имаат и желба и капацитети за европско лидерство во однос на изнаоѓање заедничко прифатливо решение за отворените прашања. За тоа од огромна помош можат да бидат и заедничките вредности на БСП и СДСМ како сестрински партии, напиша премиерот Заев на Фејсбук.
Претходно, премиерот Заев имаше средба со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, а денеска е предвидена официјална средба со привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев и претседателот Румен Радев.
Посетата е дел од водечките теми на бугарските медиуми, кои известуваат за средбите на премиерот Заев во Софија и развојот на бугарско-македонските односи.