Ваква висока бројка на позитивни лица може да имаме дури и до октомври, додека не се најде лек или вакцина, а дотогаш нема да имаме функционални иснституции. Затоа мора да имаме функционално Собрание и Влада која ќе може да носи одлуки, бидејќи оваа состојба со коронавирусот ќе потрае, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Нема можност за трета лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, од опозицијата нема ишарет дека ќе има некаков ефект од таа средба. Кога нема договор, тогаш стапува на сила Уставот“, рече Заев.
Тој додаде дека ако некој е болен, или хронично болен тој може да се откаже од избирачкиот одбор. А ако се откаже од страв од коронавирус тогаш на негово место ќе дојде друг.
„Препорачуваме за време на изборен молк кога гласаат болни и изнемоштени лица да гласаат и лицата кои се во изолација и самоизолација. Таа одлука ја носи ДИК, може листата да се прошири и со хронични болни. Препорачуваме избирачките одбори да се составени од здравствени работници“, нагласи тој.
Заев додаде дека прифатливо е гласањето да биде и на 8 јули (во среда), да се гласа до 21 часот, а членовите на избирачкиот одбор би се платиле дупла дневница. Болните и изнемоштени, како и лицата во изолација и самоизолација би гласале во понеделник и вторник.
Д.М.