„Недонесувањето одлука на состанокот во Брисел е пораз за идејата на ЕУ, но во исто време е потврдено во изјавата на претседавачот, германскиот министер за европски прашања Михаел Рот дека до декември постојат уште можности. Tреба да продолжиме во духот на дијалог, а не низ конфликти, да дојдеме до решение. Во вакви ситуации е многу лесно да се удираме во гради, но нашата намера е да бидеме рационални и да ги придвижиме работите според очекувањето на нашиот народ, а тоа е да чекориме и понатаму кон ЕУ“, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
Премиерот Заев вчера во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, одговарајќи на прашањето за ветото на Бугарија, истакна: „Ние друга алтернатива немаме освен нашиот европски пат, интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ и ќе продолжиме по тој пат. Треба да продолжиме да правиме напори, во духот на градење пријателство, дијалог, не конфликти. Мене ми паѓа многу тешко, затоа што верувам дека тоа не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Борисов. Верувам дека тоа се политики во пресрет на избори, веројатно поттикнати во едно вакво светло, но еве да дадеме шанса и на следните денови кои претстојат пред нас затоа што постојат уште можности“, додаде премиерот Заев.
Тој нагласи дека во вакви ситуации е многу лесно да се удираме во градите, нашата намера е да бидеме рационални и да ги придвижиме работите според очекувањето на нашиот народ, а тоа е да чекориме и понатаму кон ЕУ.