Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска се сретна и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на која се разговараше за процесот на реформи, потребата од носење на Законот за јавно обвинителство, евроинтегративниот процес, како и за новата методологија за проширување на Унијата.
Заев истакна дека сите институции се силно мотивирани да продолжи европскиот курс на државата со цел заокружување на интеграцијата во ЕУ, што е цел на сите граѓани на Република Северна Македонија.
„Уверени сме дека заедно можеме да го задржиме вистинскиот курс на реформи, добрососедство и економски развој. Се надеваме дека сите политички фактори ќе бидат на висина на својот дел од одговорноста, особено кога станува збор за европската иднина на државата“, потенцираше Заев.
Мишел, пак, прикажа јасен план за натамошно делување во насока на деблокирање на процесот на проширување и обединување на сите држави членки на ЕУ.