„Нема веќе недопорливи, тоа денес сите го знаат. Посветени сме на градење силна, независна и ефикасна правна држава која испорачува владеење на правото, подеднакво за сите“ истакна премиерот на Република Северна Македонија и лидер на СДСМ, Зоран Заев во неговото воведно обраќање на 26. Конгрес на партијата.
„За една демократија да може да напредува потребна е правда. За една економија да биде стабилна и предвидлива потребна е правна сигурност“ кажа Заев и додаде дека Владата дојде до точка да ги заокружи суштинските реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување.
Тој потенцираше дека целото раководство на опозицијата стои на браникот на криминалот, но и покрај тоа, Собранието го донесе Законот за јавното обвинителство.
„Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Во таа смисла, голем чекор напред е работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, согласно новите закони, најавија детална проверка на работата на судиите и обвинителите“ рече Заев.
Премиерот го поздрави овој суштински процес и повтори дека токму тоа посакува да види – целосно независна судска власта која не е составена по тефтерчиња, туку се води само и само по законите и Уставот на Република Северна Македонија.
„Нема назад со таа работа и нема веќе услови за контрола на правосудството. И тоа се покажа на дело изминатиов период. Така се води силна борба со корупција. Правда и правна држава, почитувани, се дел од нашите успеси што заеднички ги постигнавме во овие четири години. И ова е уште една клучна разлика помеѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме за правда, ред и дисциплина, тие се за неправда и одбрана на криминал“ кажа Заев.