„Убеден сум дека само перформансите се реалност и затоа стојам овде пред вас. Се обврзувам дека како премиер со сите министри ќе покажеме уште еднаш и пред себе и пред светот дека можеме уште повеќе и подобро“, изјави мандаторот Зоран Заев во експозето пред пратениците во Собранието.
Во своето излагање Заев потенцираше и дека откако влеговме во НАТО, новата Влада ќе покаже дека можеме и во ЕУ.
„Новата Влада е посветена на договорите од Преспа и со Бугарија, кои го овозможија тоа. Ќе продолжиме посветено да работиме на добрососедските односи. Ќе продолжиме и со Охридскиот рамковен договор, кој е основа на меѓуетничкиот соживот. Пред нас е период во кој како држава ќе добиме многу повеќе отколку што ќе дадеме. Се обврзуваме во следните четири години да отвориме 80 проценти од преговарачките поглавја“, изјави Заев.
Принципите и вредностите, посочи тој, на кои се заснова оваа програма се европските вредности.