Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев оствари средба со лидерите на ДПА и алтернатива со кои разговараа за заеднички кандидат на Претседателските избори.
„Средбата со Африм Гаши од новото име кое што го имаат на партијата Алтернатива вроди со плод, заради тоа што веруваат дека ова е од полза на граѓаните. Ова идниот Претседател ќе го задолжи секако еднакво пред сите граѓани, ќе биде Претседател кој што ќе им служи поддеднакво на сите и верувам дека уште од самиот почеток водење на анализа, правење на селекции и вршење на избор на кандидат зад кој што би застанале сите ние претставниците на граѓаните преку политичките субјекти кои што ги водиме ќе даде резултат.
Господинот Мендух Тачи кој што е претседател на Демократската партија на Албанците, исто така даде позитивно светло да ги продолжиме процесите во напори, сите заедно да изнајдеме заеднички кандидат, секако сите оние истражувања и анализи кои што ги имаме направено ќе ги споделиме. Тие имаат и свој некој од партиите за да можеме некаде до крајот на неделата да заклучиме дали воопшто кај сите партии или кај дел од партиите постои амбиент за градење на концепт за заеднички кандидат зад кој што сите ќе застанеме“, истакна Заев.
Тој додаде дека денеска ќе разговара со лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, а утре ќе има средба со лидерот на Беса, Билијал Касами, и се надева дека има шанси позитивно да се изјаснат за консензуален претседател.
„Би било логично веќе следната недела да почнеме да разговараме за номинирање на имиња од сите политички партии подеднакво, а секако ова е прв пат и СДСМ да седне и разговара за сите анализи и анкети и да го добиеме фидбекот од сите политички партии за да може да донесеме своја одлука за кандидат зад кој ќе застанеме како политички субјект и севкупно како политички партии“, додаде Заев.
Тој е оптимист дека ова е вистински начин на пристап на вака сериозен процес како избор на Претседател на државата.
Д. М.