„Ги повикувам сите 120 пратеници да бидат на висината на одговорноста на историскиот ден што им ја носи. Да се обединат околу една од двете стратешки цели од 1991 година од независноста и денеска да ја поддржат ратификацијата на Протоколот за НАТО, се работи за иднината на нашите деца“, рече на прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Според Заев, денеска пред пратениците се наоѓа најважниот документ од независноста на државата до денеска. – Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, граѓани на татковината, заедно сме рамо до рамо со најсилните демократски земји во светот.
„По долги години изолација и стагнација, конечно го отворивме патот за членството во НАТО. НАТО не е само безбедност и сигурност, НАТО е пристап до инвестиции, нови пазари и значи повеќе пари кај граѓаните. Уште од потпишувањето на договорот од Преспа и потпишување на протоколот за НАТО, платите се зголемени во сите сектори. Минималната плата е зголемена за 60 насто, економијата за 2 и пол години расте идо 4 насто.Сега зависи од нас. Ве повикувам да го заврзаме развојот, да го трансформираме општсството и да направиме способна држава“, рече Заев.
Протоколот за членство во НАТО денеска во 15 часот ќе се најде на дневен ред пред пратениците во Собранието кои ќе треба да го ратификуваат.
П. Клинчарски