Премиерот Зоран Заев вели дека како Влада и како партија се подготвени за измени на изборниот законик и оти за нив се прифатливи и двата понудени – една изборна единица или отворени листи. Двата модела, смета премиерот не може да се комбинираат. За тоа какво ќе биде решението, потенцира Заев, ќе се одлучи со консензус.
– Многу е важно влијанието на малите политички партии, оти можеме да седнеме ние најголемите да договориме нешто што апсолутно ќе ги мајоризира помалите партии, а тоа не е добро. Партијата што ја водам е за модели кои ќе ја унапредат демократијата во државата. Затоа сме за една изборна единица, а можеме да размислиме и за отворените листи, односно би поддржале и отворени листи, рече Заев на пресот по конференцијата „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“.
Ветувањето пред изборите, додаде премиерот, било за една изборна единица, заради тоа што веруваат дека вредноста на гласот станува подоминантен, не се губат гласовите некаде.
-Се случуваше политички партии или листи да имаат 30.000 – 40.000 гласови, а ниту еден пратеник да не добијат. Ние се залагаме да се максимилизираат тие гласови преку една изборна единица, иако СДСМ веројатно како најдобростоечка партија најмногу би изгубила, па второстоечката партија, па третата… Но, добивате деморкатијата и добиваат нашите граѓани. Една изборна единица со 120 имиња на листата и отворени листи никаде не се спроведува. Или една изборна единица или отворени листа. Ние подржуваме и ги охрабрувам сите партии да направиме еден чекор кон демократизација на изборниот процес, рече премиерот Заев.
Премиерот потенцира дека донесувањето на одлуката ќе биде со консензус, бидејќи традицијата досега покажува дека менувањето на изборните модели низ историјата се правело со консензус.
ЦИВИЛ организираше конференција за изборни реформи – „Перспективи на македонските ибори“ на која присуствуваа лидери и високи претставници од политичките партии, претседателот Пендаровски, амбасадори и претставници од граѓанскиот сектор. Премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, преку видео порака им се обрати на учесниците и присутните на Конференцијата за изборни реформи, и изрази увереност дека од дискусијата ќе произлезат конструктивни насоки за законската и институционалната рамка за изборниот систем, кои Владата ќе ги проследи со посебно внимание.
„Уверен сум дека од вашиот придонес ќе произлезат конструктивни насоки за законската и институционалната рамка за изборниот систем на транспарентна и инклузивна основа. Бидете уверени дека јас, како премиер, и Владата на Република Северна Македонија со најголемо внимание ќе ги проследиме и анализираме согледувањата коишто ќе дојдат од сите вас. На тоа не обврзуваат и препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, кои за оваа тема беа во насока да се отвори сеопфатна дебата“, изјави Заев.
Премиерот додаде дека како доказ за нивните заложби да се внесат што е можно повеќе демократски решенија во изборниот систем е и соработката со граѓанскиот сектор и со меѓународната заедница, на која и се благодарни за големата техничка и финансиска поддршка на овие процеси.