Загадувањето на воздухот и надминувањето на концентрациите на ПМ 10 честичките над дозволеното и понатаму претставуваат проблем не само за Скопје, туку и за останатите градови низ државата.
По надминувањето на дефинираниот праг на алармирање од 200 µг/м3 во вторникот повторно беа воведени вонредните мерки за намалување на аерозагадувањето, а веќе вчера беа укинати.
Дел од мерките е и бесплатниот јавен превоз во Град Скопје кој од вчера од 20 часот е повторно укинат.
И покрај расчистувањето на воздухот, од Град Скопје апелираат до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, а за затоплување на домовите да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци.
Од Владата најавија дека се размислува за дополнување на сетот мерки за намалување на загадувањето на воздухот.
– Ова се интервентни мерки кои ја ублажуваат моментната состојба и тие не се конечно решение за проблемот со аерозагадувањето. Конечно решение е подог процес и постојат мерки и на среднорочен и на долгорочен план. Потребно е очигледно повеќе време додека дојдеме до фаза во која ќе имаме конечно решение на проблемот, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски во средата.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.