На фотографијата во претседателскиот кабинет на Силјановска Давкова, објавена во медиумите на 16 мај, се гледа дел од македонското знаме.
Јавноста е навикната да го гледа претседателот Стево Пендаровски во истиот кабинет со истото знаме, но во друштво со знамињата на ЕУ и НАТО.
Како и во годините наназад, во сите институции македонското знаме се поставува заедно со знамињата на НАТО, чија рамноправна членка е Северна Македонија и ЕУ со која се почнати преговорите за членство (и блокирани од познати причини). Тоа е вообичаена пракса и во сите други земји членки и аспиранти за членство во овие сојузи.
„Чистење“ на знамињата се гледа и на фотографија објавена во медиумите на 17 мај. Може да се забележи дека домаќинката на оваа институција не останала само на својот кабинет, туку ги „чисти“ и другите знаменити локации од знамињата кои за неа (и нејзините), изгледа дека се непожелни.
Во истиот амбиент, на денот на инаугурацијата, 12 мај, Силјановска Давкова се фотографира со своите лојални поддржувачи со знамињата на Северна Македонија, НАТО и ЕУ зад нив. Па не може сѐ да се постигне истиот ден. Прво говор, таков каков што беше, па потоа сѐ друго…
На фотографиите се гледа и „идеална“ родова застапеност за која толку вознесено и опширно говореше Силјановска Давкова на инаугурацијата на 12 мај.
Ете, за нијанса снижениот антизападен тон во реториката непосредно по изборите, очигледно, не значи напуштање на познатите позиции што ги застапува новата станарка на претседателската вила. Загрижувачки е, секако, но и сосема очекувано.
Веќе може да се претпостави што сѐ следи, но да ѝ оставиме на публиката малку да живее во толку посакуваната возбудлива неизвеснот.
Џабир Дерала