Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева потврди дека Бугарија не ја одобрила преговарачката рамка за Македонија на денешниот состанок на Советот за општи работи на Европската унија. За да почнат пристапните преговори со ЕУ, сите 27 земји мора да се согласат за содржината на преговарачката рамка, пренесува СДК.
Захариева, на брифинг со бугарските новинари по видеоконференцијата со колегите од ЕУ, кажа дека Бугарија не ја одобрила рамката за Македонија затоа што не ги одразува бугарските барања, вклучувајќи ги оние за македонскиот јазик и македонското малцинство.
„Можеме да ја одобриме преговарачката рамка за Албанија, бидејќи сметаме дека тие исполнија голем дел од поставените услови. Бугарија, во оваа фаза, не може да ја одобри преговарачката рамка за Република Северна Македонија“, изјави Захариева.