Откако поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Дамчевска Илиевска пред три дена побара вонреден Конгрес и оставка од лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, добила закани и навреди од две лица кои ги пријавила во полиција. Таа на својот Фејсбук профил напиша:
„Агресивноста и заканите повеќе говорат за насилникот, отколку за жртвата. Знак на слабост и немање на вистински аргументи е испраќањето на разни ликови кои се закануваат и нарушуваат нечиј мир, не водејќи сметка за туѓите семејства.
На Македонија и треба здрава опозиција која демократски комуницира и ги решава отворените прашања.
Насилството мора да остане во минатото, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ може да оди напред само со отворена дебата и соочување на фактите.
Да се бара одговорност од раководството и одржување на вонреден конгрес е демократски чин. Да се испраќаат разни ликови пред нечиј дом, да се пишуваат вулгарни зборови со говор на омраза, обвинувања без основа, лични навреди, на социјалните мрежи е кукавички и нечовечeн чин.
Апелирам да престане безумието. Не е разумно тоа што го прават овие ликови, а уште понеразумно е тоа што некој помислил дека на тој начин може да се постигне нешто. Само се жртвуват луѓето за нечија суета.
Да, пријавив закани и тормозење во полиција и ќе продолжам да пријавувам. Насилство нема да толерирам!
Очекувам полицијата да постапи. Мене нема да ме заплашите, ниту ќе отстапам од својот став само дека на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен вонреден Конгрес и промени“, напиша Дамчевска Илиевска на Фејсбук.
МВР го приведе Дејан Киранџински, член на ВМРО-ДПМНЕ, Бутел, кој на својот Фејсбук профил нагласи дека ќе ја тужи екс-пратеничката Дамчевска Илиевска поради лажно пријавување и рушење на неговиот углед, додавајќи – „Сакам само уште да ве потсетам на начелото: Кога предавството е во прашање, само ВМРО е одговор“, пишува Киранџиски.
Другиот заканувач кој го приведе МВР, според дел од медиумите е Стефан Чадиковски од Бител.