ЦИВИЛ Медиа разговараше со Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, за тоа дали во Македонија, во моментов, има социјална правда и како опозицијата ќе се справи со намалувањето на сиромаштијата. Царовска е децидна дека во Македонија има социјална неправда и дека институциите се узурпирани и не работат во корист на граѓаните.
„За да почнеме да зборуваме за каква-таква социјална правда, треба економската моќ на граѓаните да се подигне, затоа што е невозможна демократија во општество во кое 30 проценти од населението живее во сиромаштија, или каде над 20 проценти од населението се невработени. Граѓаните кои се секој ден во трка по леб, не можат да дискутираат за поголеми и позначајни прашања, значи, економската моќ задолжително мора да се покрене, но мора одредена група на граѓани, којашто е веќе свесна, да почне со промоција и со активно вклучување на сите граѓани. Да не создаваме елити во градовите кои се борат за одредени права“, вели Царовска.
Во однос на политиките за социјална заштита понудени од опозицијата, и нивната реална остварливост, Царовска верува дека ветувањата се реални и дека голем дел од проблемите ќе се средат само со распределба на парите кои се утврдени во буџетот на Министерството на труд и социјална политика
„Кај нас, се случува трансгенерациски пренос на сиромаштија и во патронажа се држат граѓаните со генерации, а притоа, се трошат пари, а никако не се вложува да се извлечат граѓаните од сиромаштија и да се намалат трошоците на долг рок. Сметам дека со ова системско решение што го нудиме како партија, дека ќе успееме да извлечеме добар дел на граѓаните од сиромаштија“, ни изјави Царовска.
„Свесноста на граѓаните треба да биде дека во институциите треба да се решаваат работите и дека тоа е јавен простор каде што треба да делуваме и работиме“ , одговори Царовска на прашањето за узурпирањето на јавниот простор на граѓаните, посочувајќи исто така и на референдумот во Гевгелија, како на светла точка кога граѓаните кажаа не за загадување на животна средина, вложувајќи со својот глас и во иднината на своите деца.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента
[divide]