По огнената стихија што ја зафати државата, со осуда за сите што биле учесници и соучесници во палењето оган н отворен простор се јави и Владата на РСМ.
„Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува палењето на стрништа или оган на отворен простор кои предизвикуваат пожари, и воедно упатуваме апел дека институциите редовно ги следат сите локации низ земјава со цел да се превенираат предизвикани пожари… Владата на Република Северна Македонија упатува апел до граѓаните да внимаваат при посети на отворени места или при работни активности во шумите и други локации кои се со обрасната или необрасната шума. Поради опасноста од пожари, посебно се предупредува да не се палат стрништа или оган на отворен простор на необезбедени места, меѓи и други површини, да не се фрлаат шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење отпад и друг запалив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор“, стои во владиното соопштение.
Во последните три месеци Министерството за внатрешни работи од пријавени повеќе од 100 пожари поднела само 8 кривични пријави. Дирекцијата за заштита и спасување вели дека интервенираат со сите капацитети што располагаат, но и апелираат општините максимално да се ангажираат за справување со огновите.
Досега регистрирани пожари има во Битола, Велес, Преспа, Скопје, Охрид, Арачиново, Липково, Лакавица…
„Поради појавата на шумски пожари се воведува забрана за движење во шума и шумско земјиште од 00:00 до 24:00 часот. Забраната започна да важи од 29.03.2019 година и ќе трае се до нејзино отповикување. Оваа забрана не важи за вработените во ЈП “Национални шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (Национални паркови, Парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл).За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 Законот за шумите ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност“, велат од Владата.
Граѓаните секое сомнително горење на оган можат да го пријават ов Центарот за кризи на 195 и на 192 во полиција или во најблиските полицииски станици.