Владата денеска ја започна првата седница во новиот состав. Како што најави премиерот Зоран Заев, приоритетни точки на седницата се распределба на ресорите и портфолијата на министрите без ресори, поставувањето на замениците-претседатели на Владата, избор на генерален секретар и шеф на кабинетот на премиерот.
Ќе се разговара и за воспоставување на постојните комисии и на ад-хок комисиите во Владата, како што истакна Заев, за да може да се постават стартните контури на самата Влада.
„Тоа е во суштина, стартните насоки за сите министри коишто ќе бидат добиени од мене, согласно програмските определби на Владата на Република Македонија“, заклучи Заев.
Пред почетокот на седницата, медиумите имаа можност да го фотографираат и снимаат амбиентот внатре во објектот на Владата, да го разгледаат кабинетот на премерот Зоран Заев и кратко да присуствуваат на седницата.
Тоа што можеше да се забележи е луксуз што досега беше сокриен од очите на јавноста.
Во однос на оградата која беше поставена во септември 2015 година и чинеше 700.000 евра, Заев изјави дека една од првите мерки на Владата ќе биде нејзино отстранување.
„Од бетонските столпчиња може да се направат клупи за седење, металните огради можат да бидат добар покривач на самите клупи, но да видиме што ќе кажат архитектите и инжинерите. Тоа е објект каде што граѓаните треба слободно да пристапат, слободно да комуницираат, да бараат информации, сугестии и да биде практично отворено и функционално за она што значи отворена Влада за граѓаните, , вели Заев.
Претходно, Заев одржа средба со амбасадорот на Европската унија, Самуел Жбогар.
„Првиот состанок како премиер, го одржав со амбасадорот Самуел Жбогар и со неговиот тим, затоа што нема поважна работа за Македонија од интеграциите во ЕУ и во НАТО“, изјави Заев.