Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Струмица“ годинава планира да реализира вкупно 17 значајни проекти-11 од областа на музејското работење и шест од областа на заштитата, информираше директорката Василка Георгиева.
– Во тековната година Завод и Музеј Струмица ќе работи на заштитни археолошки истражувања на неолитската населба Орниче, кај село Костурино. Мошне значајно е продолжувањето на археолошките истражувања на термалното лекувалиште Бања Банско и изработка на основен проект за конзервација, реставрација и санација на најоштететените партии од ѕидните платна во лекувалиштето Римска Бања во село Банско, потоа истражувачки работи и изработка на проект за конструктивна консолидација на Орта Џамија во Струмица. Продолжуваме и со конзервација, санација и реставрација на фасада на куќа во Старата Чаршија во Струмица, како и изработка на18 заштитно конзерваторски основи во надлежност на установата, додаде Георгиева.
Од областа на музејското работење планирано е одржување на повеќе изложби, конзервација на оружје и воена опрема, потоа организирање научни средби,едукативни работилници, спроведување на истражувања на повеќе теми.
Годинава оваа установа ќе го организира и реализира Петтиот меѓународен симпозиум по археологија „Култ, мит, религија“.
За реализирање на планираните активности од Министерството за култура на Завод Музеј Струмица му се одобрени 3 милиони и 790 илјади денари.
Подготвителните активности од реализирањето на годишната програма почнаа минатиот месец, а овие денови треба да продолжат истражувања на Орта Џамија во Струмица.
[divide]
извор: МИА