СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Додека светот се соочува со секојдневни шокови, Володомир Зеленски прераснува во уште поголем лидер, а веројатно и победник.
Зеленски ја предводи контраофанзифата против Русија и покажува амбиција за целосно да победи и да го „ослободи“ својот народ. Ова се поклопува и со најавите на Западот дека оваа есен не само што Украина ќе продолжи цврсто да се брани, туку и ќе отпочне контраофанзива.
Нешто вакво беше незамисливо на почетокот. Прашањата не беа како ќе заврши војната, туку кога ќе попушти украинскиот отпор. Многу повикуваа Украина едноставно да се предаде и препушти на волјата на Владимир Путин. Но, денес Зеленски известува дека контраофанзивата напредува.
Од денешна перспектива гледаме дека предавањето не само што не било опција, туку Украина и Западот имале јасна визија како да ја водат битката. Ниту едно сценарио, очигледно, не предвидувало да се попушти пред Русија.
Иако се заговараше, а во дел од државите од Европа се размислуваше гласно Украина едноставно да се предаде затоа што не може со Русија, денес гледаме дека тоа би било многу погубно. Украина губи свои луѓе, но смртоносна одлука ќе беше ако Украина се повлечеше и не пружаше никаков отпор. Со постојана поддршка од Западот, Украина покажа дека може да се брани, а Русија, веќе одамна е јасно, не е толку моќна сила како што се веруваше.
Претседателот Зеленски покажува и амбиција да го ослободи Крим и целосно да ја врати територијата на неговата држава. Тоа е она „ослободување“ на својот народ за што зборува украинскиот претседател.
Зеленски прераснува во уште поголем лидер. На почетокот бевме пријатно изненадени од неговата храброст, смелост и сталоженост, а денес нашите впечатоци одат чекор понатаму. Зеленски покажува дека може да биде победник.
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.