По новите жестоки руски ноќни напади врз повеќе украински градови, претседателот Володимир Зеленски изјави дека Москва „не чувствува доволен притисок за пролонгирање на војната“.
Во објава на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), украинскиот лидер соопшти дека руските сили таргетирале не само енергетска инфраструктура, туку и станбени објекти во повеќе региони низ земјата, вклучувајќи ги Кијив, Одеса, Чернихив, Днипро, Кировоград, Полтава, Виница, Запорожје, Черкаси и Суми, објави Гардијан.
„Нашите сили за противвоздушна одбрана работеа цела ноќ и утрото, но нападите беа масовни. Освен енергетските објекти, беа погодени и многу станбени згради“, изјави Зеленски.
Според последните податоци, најмалку шест лица загинаа, меѓу кои две деца, а 17 се повредени. Зеленски изрази сочувство до семејствата на жртвите.
Украинскиот претседател упати јасен апел до меѓународните партнери – за засилување на санкциите кон Русија, испорака на оружје со долг дострел и посилна дипломатска координација.
„Руските зборови за дипломатија не значат ништо сè додека раководството во Москва не почувствува сериозни последици. Тоа може да се постигне само преку остри санкции, напредно оружје и заедничка акција на сите сојузници,“ порача тој.
Зеленски ја повика Европската Унија да усвои нов, силен пакет санкции, а од САД и Г7 побара „конкретни чекори во поддршката на мирот“. Тој додаде дека светот не смее да молчи во момент кога цивилни цели се под жесток напад.
Зеленски се заблагодари на сите земји што досега ѝ помогнале на Украина со системи за противвоздушна одбрана и оружје со долг дострел.
„Секој што помага со одбранбени системи – спасува животи. Секој што помага со долг дострел – го приближува крајот на оваа војна,“ порача претседателот, пишува Гардијан.