Русија долго време се подготвува за нова анексија на привремено окупираните украински територии и најави мобилизација за да ги повлече Украинците во својата армија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на разговор со студентите и предавачите на Универзитетот Харвард, пренесува Укринформ.
„Овие денови, Русија се надева дека ќе објави нова анексија на окупираните територии на Украина. Ова е во подготовка долго време, ова е очигледно долго време. Овие лажни референдуми ги гледаме на тие територии кои Русија сака да ги „проголта“. И знаеме не случајно тоа што мобилизацијата во Русија беше најавена во пресрет на оваа нова криминална анексија . Целта е очигледна – окупаторот сака да ги земе жителите на окупираната територија во војска. Или ќе бидете убиени или убивате – Русија сака да принуди стотици илјади Украинци во окупираните земји да направат таков избор“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека нема превентивни санкции што ќе и покажат на Русија дека нема да може да „проголта“ ниту еден дел од Украина.
„Кога има таков недостиг од превентивни мерки, кога лидерството се манифестира отпосле – како одговор, приспособувајќи се кон негативните последици од одредени дејствија на Русија, тоа води до губење време, губење можности. Тоа го прави патот кон мир подолго“, додаде Зеленски.
Руските окупатори на 23-27 септември одржаа лажни референдуми за присоединување на привремено окупираните региони кон Руската Федерација. Меѓународната заедница не ја призна законитоста на ваквото изведено „изразување волја“.
На 21 септември Путин потпиша указ за „делумна“ мобилизација во Русија. Според извештаите на медиумите, околу 1-1,2 милиони луѓе би можеле да бидат повикани да се борат во руската војна во Украина.
Подготви: Д.Мишев